Безбедносната ситуација во регионот и актуелната мигрантска криза, мерките кои Армијата на Република Македонија (АРМ) ги спроведува во успешно справување со истата, учеството на АРМ во операциите за поддршка на мирот и планираните идни ангажмани на ова поле беа темите на разговор на денешната средба во Генералштабот (ГШ) на АРМ помеѓу Началникот на Генералштаб на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски и Командантот на Копнените сили на Вооружените сили (ВС) на Република Турција генерал, Салих Чолак кој се наоѓа во официјална посета на Република Македонија и АРМ.
За време на официјалните разговори со делегацијата на Вооружените сили на Република Турција предводена од генералот Чолак, на која покрај генералот Величковски присуствуваше и раководниот и клучен кадар од ГШ на АРМ се даде посебен осврт на заедничкото учество во мировната мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан, каде 13 старешини на АРМ извршуваат задачи во Регионалната команда за обука советување и асистенција на главниот град која е под раководство на турските вооружени сили.
За време на престојот во ГШ на АРМ генералот Чолак се сретна и со Министерот за одбрана Зоран Јолевски. На двете средби особено беше истакната континуираната одлична соработка помеѓу двете армии во полето на одбраната и поддршката која, ја пружат Вооружените сили на Република Турција како стратешки партнер на АРМ.
Воената соработка помеѓу АРМ и Вооружените сили на Република Турција е постојано на високо ниво и се одвива во повеќе области пред се во полето на военото образование и заедничко учество на вежбовни активности, а особено заедничкото учество во мировните мисии.
Во рамки на денешната посета, делегацијата на Вооружените сили на Република Турција го посети и полкот за специјални операции (пСО), каде на показна вежба припадниците на пСО се прикажаа вештините во справување со различни терористички закани.