Началникот на генералштабот на националната одбрана на Грција, генерал Христос Христодолу кој се наоѓа во кратка посета на Република Северна Македонија по повод одбележување на Денот на НАТО, денес престојуваше во Министерството за одбрана и Генералштабот, каде оствари одвоени средби со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и со началникот на генералштабот генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
На денешната средба, која е прва помеѓу началници на генералштабови, се разговараше за билатералната воена соработка, која е од значење не само за меѓусебните односи како скорешни НАТО сојузници, туку и за безбедноста на целиот регион.
Генералите Ѓурчиновски и Христодолу разговараа и за можностите за понатамошно унапредување на постоечката и проширување на билатералната воена соработка, преку изнаоѓање на нови облици кои по потпишувањето на договорот за соработка во одбраната на повисоко државно ниво, ќе бидат операционализирани од страна на генералштабовите, преку поинтензивна воена соработка.
Воената соработка помеѓу двете армии досега беше опфатена претежно преку СЕДМ иницијативата, бригадата на Југоисточна Европа, но и во полето на воено образование на наши припадници во грчките високи образовни институции и изучување на грчкиот јазик.
По одржаниот состанок генералите Васко Ѓурчиновски и Христос Христодолу ќе го проследат и заедничкиот вечерен свечен концерт на припадниците на воени оркестри од пет армии, кој ќе се одржи во Националната филхармонија, како дел од активностите за одбележување на Денот на НАТО.