Денес, во касарната „Алексо Демниевски-Бауман” во Велес, се одржа свеченост по повод давање заклетва на војниците на доброволно служење на воениот рок од упатниот контингент „Февруари-2014“.
На свеченоста по повод давање заклетва на војниците на доброволно служење на воениот рок присуствуваа: Министерот за одбрана Талат Џафери, Заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, Командантот на Командата за обука и доктрини (КОД) полковник Љупчо Костовски, претставници од МО и ГШ на АРМ, претставници од локалната самоуправа, роднините на војниците и други гости.
Честитајќи им ја свечената заклетва, министерот Џафери на војниците им посака успешни три месеци исполнети со многу работа и труд, од кои ќе произлезе успех. Тој истакна дека сите тие се потенцијални кандидати за професионални војници на АРМ, при што некои од нив ќе одлучат својата иднина да ја градат во професионалниот состав на АРМ.
Командантот на КОД, полковникот Костовски на војниците им порача дека во наредните три месеци ќе им претстои напорна работа во совладувањето на планираните содржини од обуката, со цел да се стекнат со знаењата и вештините, потребни за достигнување на предизвиците кои ги очекуваат во АРМ.
Во касарната „Алексо Демниевски-Бауман” во Велес, денес заклетва дадоа 205 војници од дваесет и втората генерација на доброволно служење на воениот рок, со кои во наредните три месеци, обуката ќе ја реализира Центарот за индивидуална обука во рамките на КОД.