Во рамки на Петнаесеттата конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји која се одржува во Охрид, како дел од билатералните активности, началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски оствари средба со началникот на Вооружените сили (ВС) на Република Хрватска, адмирал Роберт Храњ.
По официјалниот пречек со воени почести во Центарот за обука на вода во Охрид се одржа официјална средба и разговори помеѓу генералот Ѓурчиновски и адмиралот Храњ на кои се разговараше за билатералната соработка меѓу армиите, особено во доменот на образованието и заедничкото учество во воени вежби, како и за безбедносната состојба во регионот.
За време на официјалните разговори со делегацијата на ВС на Хрватска се разговараше и за процесот на трансформација и модернизација на Армијата, придонесот на Армијата од учеството во операциите во странство и користење на капацитетите на АП „Криволак“ за вежбовни активности.
Во рамки на денешната посета, делегацијата на ВС на Република Хрватска присуствуваше на показна вежба од страна на припадниците на Баталјонот за специјални сили, која вклучува активности на вода како и приказ на боречките вештини.
Делегацијата на ВС на Република Хрватска во текот на утрешниот ден ќе присуствува на Петнаесетта конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји во улога на набљудувач.