Со воената церемонија која денес се одржа во касарната „Илинден“ на кој учествуваше и последната ротација на армиски припадници и со предавањето на државното знаме на Република Северна Македонија, кое гордо се вееше изминатите години заедно со знамињата на останатите држави учесници во мисијата, се означи завршетокот на 19 годишното ангажирање на Армијата на Република Северна Македонија во мисиите на НАТО – „ИСАФ’’ и „Одлучна поддршка’ во Авганистан.
Република Северна Македонија ги повлече своите војници од Авганистан, во согласност со одлуката на сите земји-членки на Алијансата за завршување на мисијата „Одлучна поддршка“.
На свечената церемонија на која се обратија претседателот Стево Пендаровски и министерката Радмила Шекеринска присуствуваа началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, амбасадорите на САД Кејт Брнз и на Турција Хасан Мехмед Секизкок, генералите во Армијата и претставници на Воено – дипломатскиот кор.
Потполковник Фето Бајрами, командант на првиот контингент во Авганистан во 2003 рече дека за еден војник и офицер нема ништо повозвишено од тоа да ја претставува својата земја и својата Армија на една меѓународна мисија.
„Предизвикот дека ќе ја претставуваме нашата Армија, нашата држава, во тоа време аспирант за членство во НАТО Алијансата, беше огромен. Но, одлучноста во нас, пропратена со неизмерна работа, обука, извежбување, придонесоа за достојно трасирање на патот за идните генерации на наши колеги кои продолжија да бележат успеси во мисиите во Авганистан“, рече Бајрами.
Министерката Шекеринска на свеченоста порача дека членството на земјата во НАТО е заслуга и на ангажманот на над 3.500 армиски припадници во мисиите „Одлучна поддршка“ и „ИСАФ“ во Авганистан.
„Вие бевте влезницата на Република Северна Македонија да пристапи кон најмоќната воено-политичка алијанса. Покрај сите политички напори, вашата жртва, вашиот ризик, вашата одговорност, вашата работа, беа тие кои нè претставија во најдобро светло“ истакна министерката.
Претседателот и Врховен Командант на вооружените сили, рече дека од земја – корисник, станавме земја извозник на безбедноста и дека пред неколку децении не можело да се замисли дека наши војници еден ден ќе бидат дел од мировните мисии во светот, затоа што такви мисии имаше кај нас.
„Оваа мировна мисија потврди дека нашите војници можат да служат успешно во рамките на било која мировна мисија, дека се обучени на највисоко професионално ниво и во согласност со највисоките стандарди на НАТО. Се разбира, оваа мисија немаше да биде можна без поддршката од нашите тогашни партнери, а сега сојузници – САД, Обединетото Кралство, Турција, Чешка, Грција, Норвешка и Германија“, порача претседателот Пендаровски.
Припадниците на Армијата учествуваат во мисиите на Алијансата во Авганистан, ИСАФ и „Одлучна поддршка“ од 2002 година. Во периодот од 2002 до 2015 година, околу 3.000 припадници на Армијата беа дел од силите ИСАФ, на различни позиции и со различни задачи. Нашите војници, подофицери и офицери работеа како штабни офицери, припадници на единици на обезбедување на главната команда, инструктори во тимови за менторирање, а беа дел и од медицински и хируршки тимови. Во ИСАФ, свој придонес дадоа и специјалните единици, кои работеа заедно со припадниците на Националната гарда на Вермонт, во здружени тимови. Од 2015-тата година, припадниците на Армијата даваа свој придонес во мисијата- наследник, „Одлучна поддршка“ и тоа со 500-тини припадници распоредени во Командата за обука, советување и асистенција – главен град Кабул, во Командата на мисијата, со задача обезбедување на командата, во тим за советување во командата – Север, во рамките на заедничкиот придонес на групата А5 во Центарот за здружени операции на КОСА – Север и во хируршки тим во норвешката Role-2 болница.