На 22.11.2016 година, доктори – волонтери од Црвениот крст на Република Македонија, Општинска организација – Велес во траење од еден час одржаа едукативна презентација пред припадниците на Армијата на Република Македонија во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ Велес. Тема на презентацијата беше „Промоција на чинот на донирање органи и ткива и нивна трансплантација“.
Општинската организација на Црвениот крст Велес, како конститутивен дел на Црвениот крст на Република Македонија, во тековниот период спроведува проектни едукативни активности кои имаат за цел да изградат позитивен став за овој начин на лекување на болните преку почитување на принципите на хуманост солидарност и грижа за човекот.
Имајќи ја предвид досегашната одлична соработка меѓу Црвениот крст на Република Македонија и Армијата на Република Македонија, како и значењето на таа соработка, една од целните групи за едукација се секако припадниците на Армијата. Во иднина, тие ќе се обидат да ја продлабочат меѓусебната соработка со зголемување на бројот на едукативни проекти кои ќе се реализираат токму со нашите припадници.