На ден 17.08.2015 година во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес се одржа свечен собир на вработените по повод одбележување на 18 Август – Денот на АРМ. На свечениот собир присуствуваа вработени во касарната, претставник од ГШ на АРМ и поканети гости од локалната самоуправа, државните институции и здруженија на Велес.
Собирот беше последната од низата активности во КОД со која и оваа година се прославува Денот на АРМ. Претходно, на 14.08.2015 година во младинскиот парк во Велес, беше организирана „Отворена канцеларија на КОД“ на која припадници од Командата за обука и доктрини (КОД) облечени во сите видови униформи и различен состав: офицери, подофицери и војници во време од 20.00 – 22.00 часот остваруваа контакти со граѓаните со цел доближување на припадниците на АРМ поблиску до граѓаните и нивно запознавање со дел од животот и работата во АРМ.
Пред почетокот на свеченоста по повод Денот на АРМ делегација предводена од командантот на КОД полковник Љупчо Костовски положи свежо цвеќе на Костурницата во Велес, спомен обележјето на загинатите борци и жртви на фашизмот од НОБ. Почит оддаде и делегација на општинската организација на Сојузот на борци и граѓани продолжувачи на традициите од НОБ. Свежо цвеќе се положи и во касарната, пред бистата на Алексо Демниевски.
На свеченоста беа прочитани наредбите за унапредување и стимулативните мерки за припадниците од гарнизонот Велес. По повод претходно завршените спортски игри, беше предаден пехар на најуспешната екипа – екипата на КОД. За успешна соработка со органите на локалната самоуправа на Велес командантот на КОД им врачи благодарници на медицинскиот центар во Велес, основното училиште „Блаже Конески“ и на шумското стопанство „Бабуна“ од Велес.