На ден 12.02.2015 година во гарнизонот „Криволак“ се одржа воена свеченост по повод примо-предавање на должноста командант на Центарот за поддршка на обуката (ЦПО). По тој повод на свеченоста присуствуваа командантот на Команда за обука и доктрини (КОД) полковник Љупчо Костовски, претставници од локалната самоуправа на Кавадарци и Неготино и гости од цивилните структури од зоната на одговорност на гарнизонот.
За време на свеченото примопредавање на должноста свои обраќања имаа командантот на Команда за обука и доктрини полковник Љупчо Костовски, досегашниот командант на ЦПО потполковник Ивица Цветковски и новиот командант мајор Орданчо Тодоров.
Командантот на КОД во својот говор истакна дека Центарот за поддршка на обуката досега, под команда на потполковник Ивица Цветковски со целокупниот персонал на Kриволак постигна многу добри резултати во реализацијата на досегашните планови и проекти. Менаџирањето на користењето на полигоните, фреквенцијата на единиците и услугите кои овој центар ги дава а истовремено и ставањето на порталот за користење на ЦПО бараше исклучително голема умешност која потполковник Цветковски во потполност ја искажа во извршувањето на досегашната должност.
На новопоставениот командант мајор Орданчо Тодоров му ја честита примената должност посакувајќи му успех во понатамошното менаџирање на овој центар, како што тоа го постигна неговиот претходник и негово надминување.