Во период од 14 до 25 октомври во Командата за обука и доктрини се реализираше Курс за дизајнирање и менаџирање на обуката од страна на инструктори од Вооружените сили од Обединетото Кралство. Овој курс е дизајниран и развиен според утврдените стандарди за школување на овој тип на кадри, на земјите членки на НАТО.
Целта на овој курс е оспособување на слушателите за анализа, дизајнирање, развој и раководење со обуката во единиците преку воспоставен системски пристап кон обуката во Армијата. Со овој курс слушателите се стекнаа со знаења од разни теми меѓу кои идентификување на улогата и одговорноста на командантите и командирите во обуката, како и примена на ефективен организациски пристап на обучување и практична примена на стандардните оперативни процедури.
По завршување на курсот, на слушателите им беа поделени сертификати од страна на советодавниот тим од Вооружените сили од Обединетото Кралство. На свеченоста по повод успешна реализација на курсот, командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански на слушателите од Армијата им додели сертификати и им посака успех во нивната понатамошна работа како и имплементирање на новостекнатите знаења во нивните единици.