Питомците од Командата за обука и доктрини од Центар за обука на питомци на армискиот полигон „Криволак“ реализираат уште едно стационарно логорување. За време на логорувањето се реализираат активности од областа на општата воена обука, како и повеќе видови на гаѓања со лично вооружување согласно со Годишниот план календар за обука.
Преку процесот на обука и командување со одделенија и водови кои им се доделени, питомците се стекнаа со лидерски способности, а воедно се оспособија за извршување на внатрешна служба.
Питомците од родот артилерија од четврта година, заедно со припадниците од артилерискиот баталјон реализираа гаѓање со хаубица 105 мм со вметната цевка 20 мм. Гаѓањето беше успешно реализирано, целите беа уништени. Гаѓањето се реализираше со 100 проектили.
Пренесените знаења коишто беа потребни за питомците да се оспособат за успешно раководење и командување со единиците, планирање, организирање и изведување на борбена обука и воспитување, придонесоа питомците целосно да бидат подготвени за правилно и брзо донесување на одлуки за извршување на мисии од соодветниот род.
Практичната настава со питомците има за цел оспособување и усовршување во тактичките работи и постапки на ниво поединец/тим и одделение/вод, изведување на офанзивни и дефанзивни дејства, извежбување во движење на терен по непознато земјиште со употреба на рачна бусола како и со современи средства за навигација и извежбување во правилно ракување со личното вооружување при извршување на подготвителни, единечни и командирски гаѓања.
Со реализација на практичната настава питомците имаат можност во целост да ги надградат и утврдат веќе стекнатите теоретски знаења и да се стекнат со самодоверба и искуство за живот и работа во теренски услови неопходни за секој иден, современ и добро обучен офицер на Армијата.
Целите на обуката беа постигнати во целост: питомците ги усовршија тактиките, техниките и процедурите на ниво на одделение и вод при изведување на офанзивни и дефанзивни борбени дејства, движење по непознато земјиште, а се стекнаа и со практично искуство за живот, работа и дејство на секакви теренски услови.