Во Центарот за изработка на доктрини, правила, упатства и научени лекции (ЦИДПУНЛ) во периодот од 11 до 13.03.2014 година се одржа семинар за „Научени лекции“. Семинарот е дел од билатералната соработка со вооружените сили на Соединетите Американски Држави и Армијата на Република Македонија.
Раководител на семинарот беше Началникот на секцијата за анализа и научени лекции во ЦИДПУНЛ потполковник Ладомир Бојчевски. На семинарот учествуваа лица инволвирани во воспоставувањето на системот за научени лекции во АРМ и двајца претставници од Командата за обука и доктрини на копнените сили на САД од Форт Левенфорт – Канзас.
Целта на тридневниот семинар беше што поголемо искористување на веќе стекнатите знаења, презентирање и дистрибуирање на истите во секојдневното функционирање на АРМ. Имплементацијата на научените лекции значи и подобрување на оперативните способности.
Учесниците на семинарот се запознаа и со функционирањето на Програмата на научени лекции на вооружените сили на САД и со Концептот за научени лекции во Армијата на Република Македонија.
Системот за научени лекции претставува една од важните алатки на управувањето со знаењето кој им помага на командантите во усвојувањето и дистрибуирањето на знаењето кое е од голема важност при донесување на одлуки. Со него ќе се овозможи командантите и командирите да создадат организациска култура која подржува креативност, флексибилност и добра работна атмосвера и максимално ќе се користи знаењето на вработените.