По повод давање заклетва на војниците на доброволно служење воен рок од генерацијата „Октомври 2018 година“ во касарната „Алексо Демниевски – Бауман” – Велес се реализираше воена свеченост на која триесет и шестата генерација војници кои доброволно го отслужуваат воениот рок дадоа свечена заклетва.
Оваа генерација од 104 војници, меѓу кои 10 се припаднички од понежниот пол, во наредните три месеци ќе стекнуваат знаења и вештини од основната воена обука во Центарот за индивидуална обука, кој е во состав на Командата за обука и доктрини.
На свеченоста присуствуваа: заменикот на началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин, началникот на штаб во Здружената оперативна команда, бригаден генерал Орце Јордев, претставници од Министерството за одбрана, градоначалникот на општина Лозово и претставници од командите и единиците на АРМ, претставници од локалната самоуправа, роднини на војниците и други гости.
Заменикот на началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин, им ја честита дадената заклетва на војниците, посакувајќи им успех во обуката во редовите на АРМ. Воедно им порача да бидат совесни и дисциплинирани, да се чуваат себеси, постојано да ги градат меѓучовечките односи и да го чуваат угледот на Армијата на Република Македонија.
Командантот на Центарот за индивидуална обука, потполковникот Мухамед Ибраими во своето обраќање кон војниците порача дека во наредниот период им претстои напорна работа во совладувањето на планираните содржини од обуката. Тој посочи дека со служење на воениот рок се отвора можноста за приклучување во професионалниот состав на Армијата на Република Македонија.
Г/С