Уште една генерација војници на доброволно служење на воениот рок ја заврши основната воена обука во Центарот за индивидуална обука во КОД.
Дваесет и првата генерација доброволни војници обуката ја започна во Ноември минатата година, а заврши на 22 Јануари оваа година. По тој повод се реализира свечен завршеток на кој од свечената бина им се обрати и им го честита завршувањето Заменикот на Командантот на ЦИО мајор Оливер Велески.
Оваа генерација која се вбројува меѓу најбројните досега, меѓу кои и седумнаесет девојки постигнаа многу добри резултати низ тримесечниот тек на обуката.
Покрај реализацијата на основната воена обука војниците беа вклучени во стражарското обезбедување на воените објекти во сите гарнизони на АРМ, каде што со успех ја извршуваа единствената борбена задача во мир.
Последните денови од обуката беа најинтересни затоа што војниците имаа можност да почувствуваат работа во теренски услови (логорување).
Една ноќ помината во војничките шатори кои сами војниците ги направија беше едно големо искуство за нив.
Со завршувањето на основната воена обука во Центарот за индивидуална обука не завршува во целост процесот на обука, затоа што тука се стекнати само основните темели, во наредниот период некои ќе продолжат со понатамошно ангажирање во извршувањето на наменските задачи во редовите на АРМ.
По неколку дена војниците ќе ја напуштат касарната во Велес и ќе се вратат во своите места на живеење со едно побогато животно искуство.