Во периодот од 16.11. до 24.11.2020 година, во Домот на Армијата во Скопје, со придржување на сите мерки и препораки кои се применуваат во справување со пандемијата со Ковид 19, со физичко присуство на дел од учесниците и преку видео телеконференциска врска се реализира Финалната планирачка конференција (ФПК) за вежбата „Defender Europe 21“.
На самиот почеток од работата на ФПК воведен брифинг имаше директорот на вежбата, полковникот Блаже Николовски, кој се осврна на обврските и задачите произлезени од Главната планирачка конференција.
Финалната планирачка конференција претставува завршна фаза од подготовките за изведување на вежбата „Defender Europe 21“. Главна цел на вежбата е да се продолжи со планирање и координација на активностите во поддршка на подготовка и реализација на вежбата „Defender Europe 21“ со цел финализирање на концептот на операции, шемите за поддршка, полигони и објекти за обука и други побарувања. Крајна цел е сите учесници на вежбата да се синхронизирани во планирањето и обезбедувањето на ресурси за непречена реализација на „Defender Europe 21“.
Покрај изработката на планот за вежбата за време на конференцијата беа развиени концепти за создавање на услови за почеток на вежбата „Defender Europe 21“, персонален менаџмент, финализирање на програмата за посетители и гости и дефинирање на списокот на гости кои ќе се повикуваат за денот на високи посетители како и одредување на терминот и местото за „Денот на високи гости“ на кој учесниците на вежбата ќе имаат можност да прикажат дел од нивните активности.
Во рамките на конференцијата, тимот за цивилно-воена соработка од вежбата заедно со претставници од инженерискиот баталјон и општина Куманово реализираа извидување на локациите за инженериските проекти планирани во рамките на вежбата.
Со ова завршува циклусот на конференции за планирачкиот процес за вежбата „Defender Europe 21“, а во наредниот период претстои реализација на финална планирачка конференција за националната вежба „Одлучен удар 21“ како дел од вежбата „Defender Europe 21.
ЧС/БН