Инспекциски тим на специфицираната област согласно одредбите на „Виенски документ 2011“, на 4 и 5 април 2017 година, изврши обиколка на Здружената Оперативна Команда (ЗОК) и дел од потчинетите единици на ЗОК.
Инспекцискиот тим составен од припадници на Вооружените Сили на Република Словенија, Република Хрватска и Република Романија, придружуван од екипа од одделението за верификација и контрола на вооружувањето при Министерството за одбрана на Република Македонија се запозна со состојбата во единиците согласно одредбите на специфицираната област.
На 4 април тимот престојуваше во ЗОК и Резервните сили во гарнизонот Куманово, по што изврши обиколка на 1 механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) и воздухопловната бригада (вбр) во гарнизонот Петровец. На крајот од дводневните активности е посетена и бригадата за логистичка поддршка (брЛП) во Скопје.
За време на обиколката инспекцискиот тим од страна на клучниот персонал во ЗОК и потчинетите единици се запозна со историјата, мисијата, инфраструктурата, организациско формациската структура, главни системи на вооружување и опрема, како и со персоналната и материјална состојба во единиците.
Целта на овие посети е размена на податоци и градење на доверба помеѓу членките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, и зголемување на транспарентноста на конвенционалните сили.