По вчерашните активности на теренската вежба „Блесок-22“ и завршување на последниот настан од главната листа на настани и инциденти, заврши оценувањето на Лесниот пешадиски баталјон (лпб), согласно Стандардите за оценување на копнени команди и единици на Здружената команда за операции на НАТО.
На денешното соопштување на оценката од страна на набљудувачите и директорот на оценувањето, беше истакнато дека сите предвидени активности, согласно листата на инциденти, се извршени на највисоко професионално ниво и официјалната оценка е „борбено оспособен за извршување на својата мисија“.
Директорот на националниот тим оценувачи, полковник Ивица Цветковски, како заклучок на целиот спроведен процес од страна на оценувачите врз основа на увидот во извршувањето на задачите, истакна дека Лесниот пешадиски баталјон како НАТО цел на способност, според стандардите за оценување на борбената готовност на копнените сили на Здружената команда за операции на НАТО, е способен за извршување на својата мисија.
Од страна на главниот претставник на тимот од НАТО набљудувачи кој го следеше процесот и примената на методологијата на оценување, потполковник Тимо Колман денес, на иницијалното соопштување на оценката, истакна дека задачата на тимот кој го предводи е согледување на подготвеноста на декларираната единица во исполнување на оперативните приоритети на НАТО во согласност со стандардите на оценување.
Тој истакна дека како нова членка на НАТО, Република Северна Македонија има извршено солидно планирање и подготовка на оценувачкиот процес, за што говори фактот дека ги има исполнето повеќе од потребните 50 проценти сертифицирани оценувачи, според стандардите на НАТО, што е извонредно достигнување.
„За Република Северна Македонија ова е првата единица оценувана според стандардите на оценување на борбена подготвеност, како членка на НАТО. Јас сум воодушевен од посветеноста и професионалноста на тимот за оценување“, кажа Колман.
Оценувањето, согласно НАТО процедурите и стандардите, во период од 04 до 08 април во касарната „Јане Сандански“ во Штип и на армискиот полигон „Криволак“го спроведе национален тим за оценување составен од 27 оценувачи, од кои 23 оценувачи сертифицирани од страна на НАТО, при што беа оценети 16 настани и 42 инциденти.
За време на вежбата, Лесниот пешадиски баталјон ја покажа подготвеноста за извршување на комплексни и сложени борбени задачи, согласно листата на инциденти.
Во рамки на сценариото, од страна на баталјонот, беа демонстрирани процедури при сценирани инциденти за време на изведување на патролирање, конвој, набљудувачница, обезбедување на база, кордон и пребарување, како и постапки при непријателски пропагандни активности и дезинформации, артилериски напад на база, медицинска евакуација, справување со толпа и нападни операции со баталјон.
Притоа од страна на оценувачите се оценуваа процедурите и извршувањето на задачите, односно се демонстрираа тактичките способности за остварување на мисијата која ја има единицата.
Оценувањето на Лесниот пешадиски баталјон е прво оценување на поголем состав на Армијата на Република Северна Македонија, по нашето полноправно членство во НАТО, со кое ја докажуваме нашата подготвеност во исполнувањето на преземените обврски од целите на способности на армиските капацитети.
По завршеното оценување, единици од состав на лпб во понеделник, на денот на високи гости, пред армискиот и државниот врв ќе изведат тактичка вежба на која ќе го демонстрираат нивото на оспособеност и обученост за извршување на борбени задачи.