Во период од 06 до 24.05.2019 година, вод од составот на баталјонот за Противвоздушна одбрана учествуваше на меѓународната воена вежба „Immediate Response 19“ (Брз одговор 19) која се реализираше на територијата во Р.Словенија во касарна „Јернеја Молана“ во Церкје об Крки.
„Брз одговор 19“ е вежба која е организирана од страна на командата на Армијата на САД во Европа и се реализираше истовремено на повеќе локации во Република Словенија, Унгарија и Република Хрватска и на истата секоја година учествуваат и наши припадници од различни единици на Армијата.
Цел на оваа вежба, на која учествува 15 држави, беше подобрување на интероперабилноста и регионалната соработка помеѓу земјите учеснички и компатибилноста во спроведување на процесот на донесување на воени одлуки, процедурите и комуникацијата помеѓу армиите.
Задачата, која за време на вежбата успешно ја реализираа припадниците на баталјонот за Противвоздушна одбрана во соработка со припадниците на Вооружените сили на Република Словенија, беше одбрана на објект за ПВО односно одбрана на аеродром.
Персоналот од баталјонот за Противвоздушна одбрана за прв пат со своја единица учествуваше на меѓународната воена вежба надвор од нашата држава.
Со учеството на припадниците на баталјонот за Противвоздушна одбрана на вакви меѓународни вежби се овозможува подобро разработување на процедурите, техниките и тактиките во организирањето и изведувањето на ПВО согласно НАТО стандардите, а со тоа и јакнење на билатерална соработка со Вооружените сили на Р.Словенија.
ГИ/ЧС/БН