Министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и началникот на штаб во Командата за операции, беше во посета на Првата пешадиска бригада и Воздухопловниот ВИНГ во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.
Во рамки на посетата, пред присутните, беше реализиран брифинг за мисијата на единицата и формациската поставеност, при што од страна на командантот на 1.пбр бригадниот генерал Сашко Лафчиски, министерот беше информиран за можностите, капацитетите, опремата со која располага единицата, процесот на модернизација и постигнатите НАТО цели на способности. Воедно беше посетена и спомен-собата во командата на 1.пбр, каде имаше краток брифинг за историјата на единицата. На крајот од посетата беше реализиран ТТ-збор на кој беше претставена дел од опремата со која ракува и располага 1.пбр, како што се инженериски возила, лесно пешадиско вооружување, опрема за дневно и ноќно набљудување, опрема за врски и друго.
На денешната посета на Воздухопловниот ВИНГ, министерот Мисајловски од страна на командантот, полковник Игорчо Стоименовски и клучниот персонал, беше запознаен за мисијата, активностите, состојбата и капацитетите во ВИНГ-от.
Во текот на денешната посета министерот беше информиран и за активностите на припадниците кои се ангажирани во гасењето на пожарите на терен и од воздух, согласно прогласената кризна состојба.