Во периодот од 20 до 27 август 2026 година, припадници на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон реализираа обука по летна алпинистика и јазење во реонот на Матка, како дел од подготовките за учество на претстојната меѓународна вежба „Common Challenge 26“, која ќе се реализира во Црна Гора.
Во текот на обуката беа реализирани повеќе тематски содржини и практични активности насочени кон унапредување на индивидуалните и колективните способности за извршување задачи во сложени планински услови. Припадниците ги усовршуваа техниките и постапките за движење и совладување на тежок планински терен, алпинистичко качување и спуштање, како и други содржини од областа на летната алпинистика и јазењето.
Со реализацијата на ваквиот вид обука се овозможува унапредување на физичката подготвеност, издржливоста и специјалистичките вештини на припадниците на баталјонот, како и зголемување на нивната оспособеност за извршување на извидувачко-разузнавачки задачи во различни и сложени услови. Воедно, обуката претставува значаен сегмент од подготовките за успешно учество и интероперабилно дејствување со припадници на партнерските армии на меѓународната вежба „Common Challenge 26“.








