Во период од 26.05-05.06.2014 година во одделението за медицинска обука на Воено Медициски Центар (ВМЦ) од составот на логистичката бригада се изведува основен курс за животоспасувачи.
Курсот го посетуваат припадници од командите и единиците на АРМ кои се подготвуваат за следната ротација на контингентот за мировната мисија „ИСАФ“ во Авганистан.
Обуката ја спроведува тим од инструктори и надгледувачи кои се сертифицирани во медицински тренинг центар во Швајцарија со што се обезбедува највисоко ниво на квалитет и сепофатност во потребните постапки.
Според програмата учесниците преку теоретска и практична настава ги извежбуваат стандардните оперативни процедури, како што се хемостаза, имобилизација, срцево-белодробно оживување, евакуација и транспорт на повредени и заболени, прва помош при шокова состојба, топлотен удар, изгореници, смрзнатини, каснување од змии и убоди од инсекти.
На крајот од курсот се спроведува теоретски и практичен тест, по што, во зависност од покажаните резултати кандидатите продолжуваат со следното ниво, односно напреден курс за животоспасувачи.
Обуката од овој тип постојано се изведува во ВМЦ и им овозможува на припадниците на АРМ успешно да се справуваат со евентуалните предизвици од овој вид во текот на нивното распоредување во мировните операции.