Со отпочнувањето на новата мисија на Алијансата во Авганистан – мисијата за обука и менторирање наречена „Одлучна поддршка“ припадниците на Армијата на Република Македонија – офицерите во Командата Север, старешините во Командата на Кабул, како и мировниците кои ја обезбедуваат главната команда на „Одлучна поддршка“ отпочнаа со активности и извршување на доделените задачи.
Припадниците на АРМ во состав на мултинационалната чета за заштита на главната команда покрај реализацијата на секојдневните задачи во континуитет учествуваат во вежбовни активности заедно со припадниците од другите контингенти.
При последната заедничка вежба со партнерите од вооружените сили на САД се извежбуваа постапките и процедурите за заштита на главната команда, како што се постапки при случаи на масовно повредени, пружање на прва помош и самозаштита при напад.
Притоа со постигнатите резултати беа потврдени подготвеноста и обученоста на нашите мировници за справување со сите предизвици.
Во меѓувреме во воената база на меѓународниот аеродром во Кабул „Хамид Карзаи“ старешините кои се стационирани во оваа база и ги извршуваат задачите во командата за обука, советување и асистенција (КОСА) со свечен чин за првпат во оваа база отворија „Македонска соба“.
На отварањето покрај припадниците на македонскиот контингент кои ги извршуваат должностите во базата присуствуваа и командантот на КОСА, началниците на директоратите и секциите, како и претставници од контингентите на САД и Албанија.
Со отвoрањето на македонската соба припадниците на македонскиот контингент добиваат свое катче за поминување на слободното време каде ќе можат да остваруваат официјални средби со претставници на другите контингенти кои се во базата и ќе се организираат презентации за Македонија.