Во касарната „Јане Сандански“ – Штип, со воена свеченост припадниците од 2.пешадиски баталјон (2.пб) од составот на 1.пешадиска бригада (1.пбр) го одбележаа Денот на единицата 17 Септември, денот кога е формирана 14-тата Младинско-македонска народноослободителна ударна бригада (ММНОУ) во село Митрашинци, Беровско.
По повод одбележување на Денот на единицата, делегации од претпоставената команда, единицата и членови на семејствата на загинатите припадници, положија свежо цвеќе пред спомен-обележјето „Македонија“ на влезот од касарната.
На свеченоста присуствуваа, командантот на 1.пбр, бригаден генерал Сашко Лафчиски со дел од персоналот на командата и штабот на бригадата, поранешни команданти и припадници на единицата, претставници од локалната самоуправа, раководители на јавни институции и останати гости.
Пред стројот свое обраќање имаше командантот на касарната „Јане Сандански“, потполковник Зоран Сумрачки кој се осврна на историскиот пат на „ММНОУ“ (14-та Младинско-македонска народноослободителна ударна бригада). „Овој период беше исполнет со доста предизвици на многу полиња со кои единицата успешно се справуваше. Морам да напоменам дека оценувањето на борбената готовност согласно високите стандарди за оценување на копнени единици на НАТО е веќе одамна зад нас. Добиената оценка „борбено оспособени за извршување на мисијата“ е големо достигнување за кое сите ние сме горди, но веќе пред нас е предизвикот за формирање на Лесна пешадиска баталјонска група ЛПБГ чие јадро е токму 2.пб“, рече потполковник Сумрачки.
Обраќање имаше и командантот на 1.пбр, бригаден генерал Сашко Лафчиски кој истакна „Ви го честитам Денот на единицата и ви оддавам признание за сè што оваа единица има постигнато во изминатиот период во извршување на задачите и мисиите надвор од земјата заедно со останатите партнери и членки на НАТО. Во оваа прилика сакам да ја потенцирам и важната улога на 2.пб во поддршката кон локалните и државните институции во зоната на одговорност. Во нивната посветеност и пожртвуваност се уверија и граѓаните на Република Словенија, после големите поплави во оваа држава минатиот месец“.
По повод Денот на единицата на командирот на најдобриот вод, потпоручник Чедомир Николовски му беше врачен пехар и знаме за најдобра единица, беа прочитани и стимулативни мерки, а на институциите со кои единицата имаше успешна соработка при извршување на работните обврски и задачи им беа доделени благодарници.
На крај од свеченоста присутните имаа можност да се запознаат со дел од новопристигнатите JLTV возила, кои се дел од модернизација на Армијата, а со тоа и модернизација на баталјонот.
ИН/ЧС