На ден 21.10.2014 година (вторник) во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа свеченост по повод „21-ви октомври“ Ден на баталјонот за врски.
На свеченоста присуствуваа: претставници од Генералштабот на Армијата на Република Македонија (ГШ на АРМ), Здружената Оперативна Команда (ЗОК), поранешни команданти на полкот за врски, локалната самоуправа и други гости.
Командантот на баталјонот за врски потполковник Станко Велков истакна дека единиците за врски се нераздвоен дел од Армијата на Република Македонија. Денес, во современите услови, владеењето со информациите е од непроценливо значење. Оттаму баталјонот за врски живее и работи под мотото „Информацијата е моќ“. Со својата формациска поставеност и техничка опременост баталјонот за врски е основен носител на потребите на ЗОК и ГШ на АРМ.
На свеченоста беа прочитани честитки до припадниците на баталјонот за врски, како и стимулативни мерки по повод денот на единицата.
На завршеток од свеченоста се прикажа дел од специјалната опрема со која располага баталјонот за врски, кој со стручно и професионално оспособени старешини и цивилни лица успешно ја извршува поставената мисија.
Со одлука на претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорѓе Иванов, 21 октомври е одреден за Ден на баталјонот за врски, како датум со кој се одбележува значаен историски настан, поврзан со денот на формирањето на одделението за врски при главниот штаб на Народноослободителната војска на Македонија.