Денес, 26-ти Август 2016 година (петок), во касарната Н.Х. “Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово, со воена свеченост, припадниците на 3.механизиран пешадиски баталјон (3.мпб) го одбележаа „Денот на единицата“.
На свеченоста присуствуваа командантот на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) биргаден генерал Зоран Милески, претставници од командата и потчинетите единици на ЗОК, 1.мпбр и 2.логистички баталјон (2.лб), поранешни команданти и пензионирани припадници на единицата, претставници од локалната самоуправа, владините и невладините организации, сојузи, здруженија, верски заедници, претставници од државниот и приватниот сектор и други гости кои со своето присуство му дадоа значење на настанот.
Командантот на 3.мпб во своето пригодно обраќање по повод Денот на единицата, меѓу другото истакна: „Како припадници на 3.механизиран пешадиски баталјон не смееме да дозволиме разликите или интересите од било каков обем да не поделат. Мора да бидеме обединети и доследни во напорите да одговориме на секој можен предизвик застанат како пречка која го саботира остварувањето на нашата мисија по цена и да се загуби сопствениот живот. Тоа е наједноставната вистина што секој од нас мора да ја сфати и никогаш да не ја заборави, се додека постои оваа единица.“.
Командантот на 1.мпбр бригаден генерал Зоран Милески, упати пофални зборови за успесите кои единицата ги постигна во изминатиот период и им го честиташе денот на единицата на припадниците од 3.мпб.
На свеченоста по повод денот на единицата беа прочитани честитки и стимулативни мерки за припадниците на единицата, додека 1.механизиран пешадиски вод од 1.механизирана пешадиска чета беше прогласен за најдобар од составот на единицата.
Покрај стимулативните мерки и културно-уметничката програма, припадниците на 3.мпб пред многубројните гости ја реализираа и показната вежба на тема: “Реакција на комплексен напад врз конвој во движење“.
Со одлука на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорѓе Иванов, 27-ми Август е прогласен како „Ден на 3.мпб“, во чест и сеќавање на традициите од 15-та Поречка ударна бригада која била формирана на овој ден во далечната 1944 година.