Денес во касарната „Н. Х. Страшо Пинџур“ во Петровец се одбележа Денот на единицата, во услови кога припадниците на првата пешадиска бригада, се ангажирани на работни задачи во поддршка на Министерството за внатрешни работи (МВР) во справување со пандемијата на корона вирусот.
На свеченоста покрај началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, присуствуваше и командантот на Команда за операции, генерал-мајор Павле Арсоски.
Во своите обраќања, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и командантот на Команда за операции, генерал-мајор Павле Арсоски го истакнаа историскиот миг во кој се наоѓа државата во справувањето со пандемијата и потребата од градење на единство и сплотеност во справувањето со оваа закана по јавното здравје.
Командантот на бригадата, полковник Бесник Емини во својот говор истакна дека, ова е ден кога треба да се потсетиме на жртвувањата на претходниците на оваа бригада кои придонесоа за постигнатото и чиј носител на традициите е бригадата.
На свеченоста, по повод денот на единицата, беа доделени повеќе стимулативни мерки за припадниците на бригадата.
РН/БН