Денес во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа свеченост по повод одбележувањето на денот на баталјонот за Воздушно набљудување и јавување (бВНЈ).
На свеченоста присуствуваа командантот на воздухопловната бригада (вбр), полковник Роберт Малезански, претставник од 1.механизирана пешадиска бригада, началници на секции и команданти на потчинетите единици на вбр, поранешни команданти и припадници на бВНЈ и останати гости.
Командантот на бВНЈ, потполковник Оливер Стојановски во своето обраќањето пред присутните ги истакна постигнатите резултати и успеси во текот на 2018 и 2019 година, со акцент на вежбата „Одлучен удар“ и учеството на единицата при подготовка и реализирање на веќе потпишаниот договор за Air Polising (Воздушно патролирање) со Република Грција.
Командантот на вбр им го честиташе Денот на единицата на сите припадници на бВНЈ и истакна дека токму овој баталјон е прва алка во синџирот на заштита на нашето небо, единица која постојано ја следи состојбата во воздушниот простор и први алармираат за евентуални закани. Исто така истакна дека со формирање на Центарот за командување и контрола, бВНЈ ќе добие инструмент со кој ќе врши постојано набљудување и контрола на нашето небо.
Пред стројот беа прочитани честитки од началникот на Генералштабот на Армијата, командантот на ЗОК и командантот на вбр до припадниците на бВНЈ и беа доделени стимулативни мерки по повод Денот на единицата. За најдобра единица беше прогласен водот за врски од бВНЈ.
ГИ/ЧС/БН