Денес, во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа воена свеченост по повод одбележувањето на 15 октомври – Денот на Баталјонот за воздушно набљудување и јавување (бВНЈ) од составот на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ).
По тој повод на свеченоста се обрати командантот на единицата мајор Ќемал Џафери, кој заблагодарувајќи се и честитајќи на персоналот за постигнатите успеси, како клучен момент од оваа година ја истакна постапката за вклучување на втора НАТО земја во НАТО мисијата за Воздушно патролирање во националниот воздушен простор.
На воената свеченост со пригоден говор се обрати и заменик-командантот на вВИНГ, полковник Игор Чкоров, кој го истакна значењето на бВНЈ за контрола на воздушниот простор, од каде се врши координација за мисијата (Air Policing) од страна на НАТО Алијансата. Исто така истакна дека сите претходни генерации на бВНЈ имаат вложено огромен личен и професионален ангажман во формирањето и развојот на воздушното набљудување во изминатиот период и на припадниците на баталјонот им порача не само да ги чуваат тие вредности, туку и континуирано да ги усовршуваат и надградуваат и тоа да претставува постојана обврска.
На свеченоста присуствуваа: командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини, командантот на 1.пешадиска бригада, бригаден генерал Сашко Лафчиски, началници на секции во вВИНГ и други гости.
Пред стројот беа прочитани честитките од началникот на Генералштабот на Армијата и командантот на Командата за операции, кои беа упатени до припадниците на баталјонот, а беа доделени и стимулативни мерки по повод Денот на единицата.