Инженерискиот баталјон (инжб), во касарната „Илинден“, Скопје со воена свеченост го прослави 13-ти ноември – Денот на единицата.
На свеченоста присуствуваа: заменик на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај, директорот на ГШ на АРМ генерал-мајор Димче Петровски, началникот на штаб во ЗОК бригаден генерал Азим Нуредин, командантите на потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, поранешни команданти на инжб, претставници од Сојузот на борци на РМ и други високи гости.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, за ден на инжб е одреден 13-ти Ноември, како датум од историско значење на кој единицата е носител на традициите на инженериската бригада на Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија.
Пред присутните со пригоден говор се обрати началникот на штаб на 1.мпбр, полковник Марјан Симоновски, кој ги истакна постигнатите резултати кои ги остваруваше баталјонот во изминатиот период, особено со земање на активно учество при санирање на поплавите во тетовско и изградбата на мостот во с.Порој, како и уредувањето на прифатниот бегалски камп во Гевгелија.
Командантот на инжб, мајор Васил Митевски, даде историски осврт на развојот на инженерискиот баталјон, изграден врз темелите на славната инженериска бригада и ги истакна постигнатите резултати во извршувањето на поставените задачи. На свеченоста беа прочитани примените честитки и стимулативни мерки по повод Денот на единицата.
На крајот на свеченоста се реализираше тактичко-технички збор на опремата и вооружувањето со кои располага единицата.