Денес во касарната „Чојлија“ во гарнизон Петровец, припадниците на тенковскиот баталјон (тб) од составот на 1.пешадиска бригада (1.пбр), го одбележаа Денот на единицата.
Пред стројот на припадниците на тенковскиот баталјон се обрати командантот на 1.пбр, полковник Сашко Лафчиски кој упати честитки за Денот на единицата и успешно извршување на задачите и обврските во изминатиот период. Од страна на командантот на тб, потполковник Дејанчо Глически беа истакнати историскиот пат, духот и традицијата на единицата, изградени во изминативе 30 години кои силно се врежани во секој припадник на тенковскиот баталјон, чии корени потекнуваат од 2 јуни 1993 година, денот кога е формиран тенковскиот вод во рамките на тогашната гардиска бригада на Армијата, како и достигнувањата на припадниците на тб во обуката, секојдневните активности и идните обврски на баталјонот.
На свеченоста присуствуваа командантите на потчинетите единици на 1.пбр, началниците на секции од командата и штабот на 1.пбр.
По повод Денот на единицата беа наградени и пофалени припадниците од баталјонот кои се истакнале во работата и обуката и дале свој придонес во јакнењето на борбената готовност на единицата а беше прогласен и најдобар вод од тенковскиот баталјон.