Во касарната „Јане Сандански“ во Штип, со воена свеченост припадниците на 2.пешадиски баталјон и останатите единици од касарната, го одбележаа 22-ри Април, патрониот празник на касарната.
На одбележувањето присуствуваа делегација од првата пешадиска бригада (1.пбр) предводена од бригаден генерал Сашко Лафчиски, претставници од МПЦ – Брегалничка епархија, од општина Штип, Ректор на Универзитет Гоце Делчев Штип, од Сојуз на борци од Штип, од СВР Штип, директори на јавни претпријатија, од општините и локалните самоуправи во зона на одговорност на единицата како и од средните училишта од Штип.
Настанот започна со полагање на свежо цвеќе, воедно и одавање почит на големиот македонски револуционер и војвода Јане Сандански. Оваа година се одбележуваат 109 години од загинувањето на Јане Сандански, а касарната името „Јане Сандански“ го добива со формирањето на Армијата.
Пригоден говор одржа командантот на 2.пб, потполковник Зоран Сумрачки, кој се осврна на ликот и делото на Јане Сандански, истакнувајќи дека со одбележувањето секоја година придонесуваме неговото име и дело да останат во сеќавањата на идните генерации.
Свеченоста ја збогатија и учениците од СОУ „Коле Нехтенин“ со читање на реферат за Јане Сандански, изведба на музички нумери на учениците од Средното Државно Музичко училиште „Сергеј Михајлов“ и настап на Градскиот камерен хор „Астибо“ од Штип.
ДЈ/ГЃ/СЛ