Со полагање на свежо цвеќе пред бистата на народниот херој беше одбележан патронатот на касарната „Н.Х Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово. Ова одбележување претставува дел од планираните активности за одбележување на јубилејот „25-години –Армија на Република Македонија“.
На одбележувањето, присуствуваше началникот на штаб на Здружената оперативна команда (ЗОК) бригаден генерал Азим Нуредин, претставници од 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), команданти од единиците на АРМ, претставници од државните институции, локалната самоуправа, сојузи, здруженија, невладини организации, верски заедници, културниот и приватниот сектор и ученици од основните училишта од градот Тетово и околните општини во зоната на одговорност на 3.механизиран пешадиски баталјон (3.мпб).
Согласно воениот протокол, им се оддаде почит на Народниот Херој Кузман Јосифовски-Питу и останатите загинати и починати борци за слободата на Македонија и на загинатите припадници на АРМ.
Командантот на 3.мпб потполковникот Игор Спасеноски, даде осврт врзан за ликот и делото на Народниот Херој Кузман Јосифовски-Питу . Исто така истакна: „Веќе седумдесет и три години, Кузман Јосифовски-Питу не е меѓу живите. Тој својот живот го даде за македонскиот народ, за неговите копнежи за слобода и самобитност. Со неговата смрт, македонското револуционерно движење изгуби еден од своите најистакнати организатори и раководители, а народот од Тетово и тетовско свој соборец и човек кој можеше да ги разбере сите сложености на овој крај, човекот кој дел од својот најубав и најплоден револуционерен живот го помина во Тетово и западниот дел на Македонија, човекот кој успеа да се издигне над националните недоразбирања и да им погледне во очи на националистичките посегања од сите видови, човекот кој во основата остана ЧОВЕК. Заради сето ова, народот од Тетово и пошироко, од целиот западен дел на Македонија му должи вечна благодарност“.
Претходно, по повод овој ден, во касарната „Н.Х Кузман Јосифовски-Питу“ беше спроведена крводарителна акција од страна на вработените а дополнително беше организиран и тактичко-технички збор со вооружувањето и опремата со која располага единицата во чест на најмладите гости од основните училишта