Денес 28.03.2023 година во касарната „Илинден“ во Скопје беше одржан помен по повод дваесет и две години од трагичното загинување на капетан 1 класа Љупчо Мирчовски (тогашен командант на Баталјонот на Воената полиција (бВП)).
По тој повод пред спомен-обележјето на загинатиот командант, свежо цвеќе положија делегации од: Командата за операции, предводена од началникот на штаб, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, Секторот-служба за воена безбедност и разузнавање, претставници на единиците сместени во касарната „Илинден“, претставници на единиците при МВР и членови на потесното семејство на загинатиот командант.
Пред спомен-обележјето во касарната „Илинден“ се обрати командантот на бВП, потполковник Неџати Голак, кој со читање на биографијата за трагично загинатиот припадник, направи потсетување за огромниот придонес во одбраната на татковината и достојно претставување на единицата на чие чело стоеше и беше нејзина гордост.