На 20 мај 2026 година, околу 100 ученици на возраст од 7 до 8 години од ОУ „Владо Тасевски“ – Скопје, придружувани од своите наставници, реализираа едукативна и информативна посета на единиците на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) на Армијата.
Посетата беше организирана со цел учениците непосредно да се запознаат со дел од активностите и функционирањето на военото воздухопловство, преку содржини прилагодени на нивната возраст. Во таа насока, припадниците на вВИНГ реализираа повеќе кратки презентации и објаснувања за секојдневната работа и задачите што ги извршуваат воздухопловните единици.
Учениците имаа можност да слушнат повеќе за професијата пилот, за улогата на техничкиот персонал и за значењето на тимската работа во одржувањето и функционирањето на воздухопловите. Преку интерактивен пристап, на учениците им беа претставени и основните карактеристики на дел од воздухопловите кои се користат во составот на Армијата.
Особен интерес кај учениците предизвика можноста одблиску да разгледаат дел од воздухопловите и преку едноставен и интерактивен пристап да добијат подобра претстава за нивната функција и употреба.
Со реализација на вакви активности, вВИНГ продолжува да придонесува кон развојот на цивилно-воената соработка, истовремено промовирајќи ги воздухопловството, техничките професии и значењето на Армијата кај младата популација.








