На 4 август 2026 година, во касарната „Боро Менков“ во Куманово, командантот на Командата за операции (КО), бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, официјално ги прими 35 новопроизведени офицери, кои со наредба за поставување се распоредени на должности во единиците од составот на КО.
Во своето обраќање, генералот Ѓоргоски им честиташе за успешно завршениот процес на воено образование и стекнувањето на првиот офицерски чин, посакувајќи им успешен почеток на професионалната воена кариера. Тој нагласи дека офицерскиот повик бара високо ниво на професионализам, одговорност, дисциплина и личен интегритет, истакнувајќи дека лидерството се гради со знаење, личен пример и континуирано усовршување.
„Командувајте со знаење и интегритет. Изградете исклучително професионален однос со подофицерскиот кор и искористете го нивното богато искуство, учете од нив. Ќе ги совладате средствата, вооружувањето и системите, но најголемиот предизвик е успешно да се раководи со луѓе. Затоа, вложувајте во сопствениот професионален развој и никогаш не престанувајте да учите“, истакна генералот Ѓоргоски.
На приемот присуствуваа и началници на секции од Командата за операции, при што новите офицери преку информативна презентација беа запознаени со организациската структура, мисијата, надлежностите и клучните задачи на Командата за операции, како носител на оперативните способности на Армијата.
Во рамки на активноста, началникот на секцијата Ј-1/КО им ги соопшти наредбите за поставување на ново произведените офицери, по што тие беа упатени во првопотчинетите единици на Командата за операции, каде ќе го започнат извршувањето на своите офицерски должности и понатамошниот професионален развој.








