Денес 19 декември во Куманово, командантот на Здружената Оперативна Команда (ЗОК) и клучниот персонал остварија средба со припадниците на АРМ кои ќе бидат во состав на силите за обезбедување на командата на мисијата за обука и менторирање: „Одлучна Поддршка“.
Покрај командантот на ЗОК генерал мајор Методија Величковски на средбата учествуваа и командантот на прва механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) бригаден генерал Павле Арсоски и останатиот клучен персонал од ЗОК и 1.мпбр одговорен за подготовки на мисијата.
Генералот Величковски нагласи дека од овој состав очекува продолжување на успешното претставување и беспрекорно извршување на задачите кое АРМ го покажа во досегашната 12 годишна мисија „ИСАФ“, со што припадниците на АРМ ќе дадат придонес во афирмацијата на АРМ и Република Македонија.
Составот го сочинуваат 20 старешини и професионални војници кои имаат задача заедно со припадниците на армијата на САД да ја обезбедуваат командата на мисијата „Одлучна Поддршка“ во Кабул, Авганистан.
Покрај составот за обезбедување согласно одлуката на Владата и Собранието на Република Македонија во мисијата „Одлучна Поддршка“ учествуваат и 5 старешини во рамки на германскиот контингент во Командата Север и 13 старешини во рамки на турскиот контингент во Командата на Кабул.