Во касарната „Боро Менков“ во Куманово, се одржа свеченост по повод примопредавањето на должноста командант на Прв механизиран пешадиски баталјон (1.мпб) од составот на Прва механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) кој воедно е командант на касарна.
Должноста командант на 1.мпб од потполковник Лулзим Нуредини ја прими потполковник Ердоан Хасан кој досега извршуваше должност началник на секција во 1.мпбр.
На свеченоста присуствуваа командантот на ЗОК, бригаден генерал Зоран Милески, заменик командантот на ЗОК, бригаден генерал Павле Арсоски, командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, како и претставници од државна управа, јавните установи и служби и претставници на локалната самоуправа во зоната на одговорност.
1.мпб како единица е носител на најголемата декларирана единица од АРМ според концептот на оперативни способности во базата на декларирани единици на Алијансата за изведување на операции за одговор на кризи, операции за одржување и воспоставување на мирот како и за учество во хуманитарни операции.
На свеченоста се обрати командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, кој меѓудругото го истакна значењето на 1.мпб како носител на значајни активности во АРМ, единица со долга традиција достојна за почит, не случајно носејќи го епитетот прв баталјон во бригадата. Досегашниот командант на 1.мпб, потполковник Лулзим Нуредини се заблагодари на единицата за укажаната поддршка во текот на неговото командување со единицата, укажувајќи на честа но и одговорноста да се командува и менаџира со оваа единица. Новиот командант, потполковник Ердоан Хасан, кој своевремено беше и заменик на командантот на овој баталјон, истакна: „Сите ние кои денеска стоиме гордо во строј, сме дале свечена обврска дека со целото свое битие ќе ги браниме државните интереси на Република Македонија“.
На крајот од воената церемонија следуваше примопредавање на военото знаме на баталјонот со што се изврши и официјално примопредавање на должноста, командант на 1.мпб, а потоа следеше воено дефиле на ешалоните од потчинетите единици на 1.мпб.