На ден 19.10.2015 година во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп се реализира воена свеченост по повод примопредавањето на должноста, командант на артилериски баталјон помеѓу, полковник Жарко Ристески кој досега ја извршуваше оваа должност и новопоставениот командант потполковник Ивица Цветковски.
На свеченоста присуствуваа: командантот на Здружена оперативна команда бригаден генерал Васко Ѓурчиновски, командантот на прва механизирана пешадиска бригада полковник Зоран Милески, градоначалници, претставници на државната управа, единиците на локалната самоуправа, јавните установи во зоната на одговорност на единицата, како и правни и физички лица со кои Армијата на Република Македонија има соработка.
Согласно правилото за воен протокол на свеченоста се прочитаа наредбите за поставување, по што следea пригодни говори од страна на командантот на 1.мпбр, досегашниот и новоназначениот командант.
Во својот говор, потполковник Ивица Цветковски истакна дека му претставува чест и задоволство, но и голема одговорност што застанува на чело на единицата во која ја започна својата војничка кариера. Од припадниците на артилерискиот баталјон побара одговорност, дисциплинираност и тимска работа за успешно извршување на мисијата и доделените задачи.
На крајот следеше церемонијално примопредавање на военото знаме на артилерискиот баталјон, по што присутните имаа можност да го проследат и тактичко техничкиот збор на вооружувањето и воената опрема со кои располага единицата.