Во касарната „Чеде Филипоски-Даме“, со воена свеченост и предавање на военото знаме се изврши примопредавање на должноста командант на прв пешадиски баталјон (1.пб) од составот на 1. пешадиска бригада (1.пбр) од Командата за операции.
Должноста командант на 1.пб од потполковник Горан Трајаноски ја прими потполковник Зоранче Ристовски, кој досега извршуваше должноста во Командата за обука и доктрини (КОД).
На свеченоста, командантот на 1.пбр, бригаден генерал Сашко Лафчиски, покрај другото истакна: „За да се застане на чело на ваква единица, со припадници кои се високо мотивирани, професионални, обучени и компетентни е чест, но и одговорност“ и му предочи на новопоставениот командант да продолжи со реализирање на задачите и обврските и со своето богато работно искуство да придонесе за уште подобри резултати на единицата. Бригадниот генерал Лафчиски им упати честитки на досегашниот и на новопоставениот командант.
Досегашниот командант, потполковник Горан Трајаноски, се заблагодари на персоналот од единицата за укажаната поддршка во текот на неговото извршување на должноста, додека новопоставениот командант истакна дека крајно совесно и одговорно ќе командува со единицата и се заблагодари за довербата која му е дадена за оваа должност.
Од страна на припадниците на баталјонот на досегашниот командант му беше врачена плакета со логото на единицата и фотографија со посвета од припадниците на 1.пб.
На денешната свеченост присуствуваа началниците на секции од командата на 1.пбр, командантите на единиците од составот на 1.пбр, поранешни команданти на единицата и останати гости.
ГЃ/СН