Денес, 11 Декември (петок) 2015 година, во касарната „Народен Херој Кузман Јосифовски – Питу“ во Тетово, се одржа свеченост по повод примопредавање на должноста командант на 3. механизиран пешадиски баталјон (3.мпб) од составот на 1. механизирана пешадиска бригада (1.мпбр).
Должноста командант на 3.мпб од потполковник Атанас Пановски ја прими мајор Игор Спасеноски кој досега ја извршуваше должноста офицер за борбена готовност во секцијата Ј-3 во Здружената Оперативна Команда (ЗОК).
На свеченоста присуствуваа командантот на ЗОК бригаден генерал Васко Ѓурчиновски, Началникот на штаб на ЗОК бригаден генерал Азим Нуредини, командантот на 1.мпбр полковник Зоран Милески, команданти на баталјони и началници на секции од 1.мпбр, поранешни команданти на единицата, претставници на локалната самоуправа, градоначалниците на општините во зоната на одговорност на 3.мпб, правни и физички лица со кои АРМ има соработка.
На свеченоста пред стројот и присутните гости со пригоден говор се обрати командантот на 1.мпбр, полковникот Зоран Милески кој се наврати на постигнатите успеси на единицата.
На примопредавањето на должноста, потполковникот Атанас Пановски искажа голема благодарност до сите припадници на единицата за посветената работа и вложениот труд.
Мајорот Игор Спасеноски во својот говор истакна дека му е особена чест и задоволство да биде нов командант на 3.мпб, единица која по своите успеси е препознатлива единица во АРМ, дека ќе го даде својот максимум со неговото целокупно знаење и искуство и ќе продолжи по зацртаниот план на единицата за постигнување на уште подобри резултати и успеси во иднина.
Од името на припадниците на 3.мпб и од свое лично име мајорот Игор Спасеноски на потполковникот Атанас Пановски му врачи и пригоден подарок плакета од единицата воедно заблагодарувајќи се за досегашните постигнати резултати.
На крајот следеше свечено примопредавање на военото знаме на единицата помеѓу досегашниот и новоназначениот командант.