Во касарната „Илинден“ денес, се одржа воена свеченост по повод примопредавањето на должноста командант на баталјон за врски (бв). Должноста од досегашниот командант на бв, потполковник Илија Дамчевски ја прими потполковник Дејан Пешевски кој досега ја извршуваше должноста заменик на командантот во истиот баталјон.
Пред стројот на единицата и присутните гости во своето обраќање началникот на штаб во Команда за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, се заблагодари на досегашниот командант за вложениот труд и покажаните резултати за време на неговото командување со единицата, а на потполковник Пешевски му упати искрени честитки по повод стапувањето на новата должност, со желба за успешно командување и постигнување на уште поголеми резултати со баталјонот во наредниот период.
Досегашниот командант на баталјонот за врски, потполковникот Илија Дамчевски, во својот говор меѓу другото им оддаде признание на припадниците на баталјонот за вложениот труд од секој припадник во извршувањето на бројните задачи и предизвици со кои единицата успешно се справуваше во текот на неговото командување.
Новопоставениот командант, потполковникот Дејан Пешевски, се заблагодари на укажаната доверба со поставувањето на оваа одговорна должност, ветувајќи дека како командант на баталјон за врски заедно со целокупниот состав ќе продолжат по веќе воспоставените критериуми и јасните цели, давајќи го својот максимум за постигнување на уште повисоки резултати.
На свеченоста присуствуваа: началникот на штаб во Команда за операции (КО), бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, началникот на секцијата Ј-6/Генералштаб на Армијата, полковник Блажо Георгиевски, претставници од КО, ЛБ, бСН и поранешни команданти на оваа единица.
На крајот од свеченоста следуваше церемонијалното примо-предавање на военото знаме на баталјонот, со што и официјално беше извршено примопредавањето на должноста командант на баталјон за врски.
ЧС/ЉВ