Во периодот од 21.01. до 11.02.2025 година, инженериски вод од составот на Инженерискиот баталјон (инжб) од Првата пешадиска бригада (1.пбр), кој е дел од лесната пешадиска борбена група (ЛПБГ), учествуваше на меѓународна комбинирана вежба “Combined Resolve 25-1” во Заедничкиот мултинационален центар за подготвеност во Хохенфелс, СР Германија.
Покрај припадниците на нашата Армија, на вежбата учествуваа повеќе од 4.000 учесници од Вооружените сили (ВС) на САД и 15 сојузници и партнери на НАТО, предводени од 7. армиска команда за обука на ВС на САД. Вежбата имаше за цел: да ги подготви борбените тимови на бригадата на САД, во чиј состав беше и инжб, како и сојузниците и партнерите на НАТО за поддршка на иницијативите на НАТО за одвраќање; да се развие интероперабилноста и да се унапреди синхронизацијата и координацијата со останатите земји членки, учесници на вежбата.
Од особено значење за идниот развој на инженериските единици е способноста и подготвеноста да се спроведуваат операции во комплексен борбен простор, да се оцени степенот на интероперабилност и примената на НАТО стандардните договори (STANAG), кои се применуваат за време на вежбата со земјите од НАТО и партнерските земји.
Персоналот од инжб уште еднаш го покажа своето високо ниво на обученост и подготвеност за работа со нашите сојузници. Доделените задачи беа навремено и професионално извршувани, на потребното ниво и во согласност со сценариото на вежбата. При тоа, за својот ангажман на припадниците на инжб им беше доделен сертификат за учество на вежбата.
На денот за високи гости на вежбата присуствуваше и делегација од Армијата составена од командантот на 1.пeшадиска бригада (1.пбр), бригаден генерал Дејан Чиплаковски, придружуван од командантот на инжб, потполковник Ласте Ѓорѓиев.
ГЃ/ДЧ