Согласно годишниот план календар за обука за 2022 година, припадниците на баталјонот на Воена полиција (бВП) реализираа Обука за борба во зимски услови (ОЗУ) во гарнизонот Тетово. Обуката се реализираше во четири групи во периодот од 07.02. до 04.03.2022 година.
Активностите беа реализирани од страна на припадници на бВП кои преку учество на разни курсеви и обуки во земјата и странство се квалификувани за изведување на обука од ваков карактер.
Основната цел на обуката е припадниците на бВП да се обучат, оспособат и извежбаат во тактиките, техниките и процедурите за живот и работа во отежнати услови при извршување на наменски задачи во различни земјишни, временски и метео услови, како и да го согледаат влијанието на студеното време и ниските температури врз луѓето и техниката при извршувањето на задачите во планински услови. Дополнително, да се оспособат за давање прва помош при смрзнатини, ориентација, движење со скии и останати формациски и прирачни средства по терен прекриен со снежна покривка. Обуката кулминираше со изработка и престој на припадниците во објекти за престој и засолнување во планина (игло, мечкина дупка и бивак). За возачите на моторни возила, обуката претставуваше дополнителен мотив за усовршување на нивните вештини и стекнување искуство за управување на тешко прооден терен и терен со снежна покривка.
Планираните теми на обуката во зимски услови беа реализирани успешно и во согласност со планот за обука. Припадниците на бВП покажаа голем потенцијал, професионализам и подготвеност за извршување на доделените задачи. Колективната работа придонесе до надоградување на нивото на обученост и јакнење на тимскиот дух што ќе овозможи да се стекне потребното ниво на сигурност, самодоверба и квалификуваност за изведување на задачите во планински услови.
ЃТ/ЧС