Во периодот од 13.02-17.02.2017 година инженерискиот баталјон (инжб) од составот на првата механизирана пешадиска бригада го посети Шефот на катедрата за студии и доктрини од Инженериската Академија во Анжи – Република Франција, потполковник Мартин Лиутард.
На брифингот одржан по тој повод тој се запозна со организациско формациската структура на единицата, учеството на вежби и задачите ги извршува инжб, каде фокус се даде на улогата во бегалската криза и помошта која инжб ја дава за време на елементарни непогоди.
При посетата потполковникот Мартин Лиутард изврши предавања со припадниците на командата и штабот и командирите на чети и водови на темите: „Организација на Армијата на Франција и инженериските единици“; „Распореденост на инженериските единици во Франција“; „Презентација на Инженериската Академија“ и „Улогата и задачите на инженериските единици стационирани во Африка (Чад, Мали и Централна Африканска Република)“.
За време на посетата се изврши разгледување на моторните возила, инженериските машини и инженериската опрема со кои располага инжб. Се одржа и показна вежба „Пионерско одделение во улога на пребарување и расчистување на комуникации“.
Организацијата и реализацијата на оваа активност е согласно Планот за Билатерална соработка на Армиите на Република Македонија и Република Франција за 2017 година. Таа заврши со организирање на културна прошетка низ градот Скопје како и посета на Археолошкиот музеј, каде гостинот преку археолошките експонати се запозна со автентичната повеќевековна историја и култура на Република Македонија.