Во касарната „Боро Менков“ во Куманово, пред зградата на Здружената оперативна команда се одбележа Денот на Армијата на Република Македонија со свечено постројување на вработените во Здружената оперативна команда.
Пред присутните, Командантот на Здружената оперативна команда, генерал-мајорот Васко Ѓурчиновски одржа пригоден говор. Во говорот, тој истакна дека 24-тиот роденден на Армијата се одбележа симболично, во услови кога голем дел од припадниците на Здружената оперативна команда се ангажирани за санирање на последиците од поплавите во поширокиот регион на главниот град. Командантот оддаде јавно признание на сите ангажирани во поплавениот регион и во пограничните предели на Републиката, и истакна дека Армијата секогаш била, и ќе биде подготвена брзо да делува за заштита на животите и имотите на луѓето и одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.
Пред стројот беа прочитани унапредените, наградените и пофалените припадници на Здружената оперативна команда.