Со пригодна воена свеченост која се одржа во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, денес, 9 април 2015 година припадниците на артилерискиот баталјон (артб) од составот на 1. механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) , Здружена Оперативна Команда го одбележаа 10. Април, Денот на единицата.
Со одлука на претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов, 10. Април е одреден за Ден на артилерискиот баталјон како датум на кој е формирана првата артилериска единица во самостојна Македонија.
На свеченоста покрај командантот на 1.мпбр присуствуваа и командантите на единиците од составот на 1. мпбр, поранешни команданти на единицата, претставници од Сојузот на борци, градоначалниците од општините во зоната на одговорност на баталјонот, претставници на верските заедници, претставници од јавниот и бизнис сектор во регионот и претставници на локалните медиуми.
Пред присутните со пригоден говор се обрати командантот на артб, полковник Жарко Ристески кој се осврна на историјатот на единицата, додека командантот на 1.мпбр во својот говор истакна дека од сите припадници на артилерискиот баталјон бара поддршка, професионализам, дисциплина и одговорност во работата и воедно на припадниците на артилерискиот баталјон им го честита празникот.
На свеченоста, по повод денот на единицата, беа прочитани стимулативни мерки за припадниците на артб, додека водот на потпоручник Мартин Спасовки беше прогласен за најдобар вод од составот на баталјонот.
Во пресрет на празникот, во касарната „Мирче Ацев“ се реализираше и ТТ збор со изложба на вооружување и опрема кој го посетија учениците од основните и средните општински училишта. Исто така се спроведе и акција за доброволно дарување на крв во соработка со Црвениот крст на Република Македонија.