Денес 18.08.2015 година во гарнизоните Куманово, Петровец, Скопје, Штип, Тетово, Кичево, Прилеп, каде се стационирани потчинетите единици на Здружената Оперативна Команда (ЗОК) се одржаа воени свечености по повод прославата на 18ти Август, Денот на Армијата на Република Македонија.
Претходно на ден 17.08.2015 година , согласно Правилото на воен протокол, со одржување на свечен собир на вработените празникот го прослави командата на ЗОК во Куманово.
На прославата на Денот на АРМ се реализираа пригодни активности согласно сценаријата при што се положи свежо цвеќе на бистите на народните херои чии имиња ги носат касарните, постројување на персоналот, строев чекор на знаменски водови, интонирање на химните на Република Македонија и на АРМ, одавање почит на погинати и починати борци и припадници на АРМ и пригоден говор од командантите на гарнизоните.
На крај од свеченоста на сите припадници од единиците кои беа унапредени, наградени и пофалени за постигнатите резултати и професионален ангажман во работата, им честитаа командантите на единиците.
На прославата на денот на АРМ во касарните беа поканети и присуствуваа голем број на гости од локалните самоуправи, претставници на општествените организации, училишта, верските заедници и останати структури со кои единиците остваруваат соработка, како и семејствата на припадниците на АРМ.
Посебен интерес кај гостите, особено кај најмладите вообичаено и оваа година предизвика тактичко техничкиот збор на кој беше изложено вооружувањето, опремата и борбените возила со кои располагаат единиците.