Денес, 15.10.2018 година, во Центарот за обука (ЦО) „Пепелиште“ започна теренската вежба „Македонски Блесок-14“.
На свеченото отвoрање, директорот на вежбата, потполковник Игор Манасовски, обраќајки се пред присутните истакна дека серијалот на вежби „Македонски блесок“ станува традиционален настан во Армијата на Република Македонија, кои пред точно 10 години декларираната чета на воената полиција, рамо до рамо со средниот пешадиски баталјон на вежбата „Македонски Блесок–3“ зачекорија кон предизвикот наречен „Самооценување–Ниво-1“, според Концептот на Оперативните Способности на НАТО.
Исто така додаде дека брендот кој го создадовме служи за пример за организација и реализација на вежби за оценување на декларираните состави, не само регионално, туку и во пошироки размери за поголемиот дел од земјите членки на „Партнерството за мир“. Овие високи стандарди се основа за упешна реализација на вежбата „Македонски Блесок -14“.
По завршување на свеченото отворање, директорот на вежбата заедно со оценувачкиот тим, изврши обиколка на подготовките за медицинско оценување на Копнена Маневарска Болница, со улога 2, контролата на вежбата и претпоставената команда на декларираните единици кои во изминатото деноноќие беа ставени во функција.
На вежбата и претходеше едногодишен планирачки процес, реализиран преку 3 конференции и 4 работилници, како и индивидуални и колективни подготовки на декларираните единици, со цел да се изврши обука и извежбување во исполнување на доделената мисија, согласно здружените стандарди на НАТО при изведување на операции за поддршка на мирот.
„Македонски Блесок-14“ е теренска вежба базирана на фиктивно сценарио за операции за поддршка на мирот предводени од НАТО, а под мандат на ОOН, со која треба да се демонстрира борбената готовност на дел од декларираните единици како и да се оствари увид во структурата, функционирањето и оспособеноста на Копнената Маневарска болница да одговори на претстојното НАТО медицинско оценување.
ЗА/ЗВ