Денес, 3 Октомври 2015 година, во Центарот за поддршка на обуката (ЦПО) „Пепелиште“ и Армискиот полигон „Криволак“ започна теренската вежба „Македонски Блесок-11“. На чинот на свеченото отварање присуствуваше Началникот на штаб на Здружената Оперативна Команда бригаден генерал Азим Нуредин. На отворањето обраќајќи се пред учесниците на вежбата бригадниот генерал Азим Нуредин истакна дека реализацијата на вежбата „Македонски Блесок-11“ за Армијата на Република Македонија претставува една од задачите со врвен приоритет во 2015 година. Ваквата констатација се базира врз сеопфатните и темелни подготовки, како и сложениот планирачки процес кој го реализиравме, од што ќе произлезе НАТО оценување Ниво 2 на четата на Воена Полиција и самооценување Ниво 1 на ренџерската чета од составот на Полкот за специјални операции. Воедно, тој нагласи дека претстојната вежба претставува одлична можност за изведување на колективна обука на единиците како форма за усвојување на НАТО стандардите, но и за усовршување на штабните процедури во НАТО водените операции, што ќе придонесе во јакнењето на нивната борбена готовност.
При посетата бригадниот генерал Азим Нуредин со директорот на вежбата полковник Звонко Мајсторски извршија обиколка на раководството на вежбата при што од страна на штабот на вежбата се изврши презентација за вежбата и активностите во текот на вежбата.
На вежбата и претходеа неколкумесечни индивидуални и колективни подготовки, со цел да се изврши обука и извежбување во разни ситуации, согласно листата на задачи на НАТО при изведување на операциите за поддршка на мирот.
Вежбата „Македонски Блесок-11“ е жива вежба со единици на терен базирана на сценарио за операции за поддршка на мирот предводени од НАТО/ЕУ, а под мандат на ОOН, со која треба да се демонстрира борбената готовност на декларираните единици за употреба во НАТО – предводените операции.