Денес во касарната „Чеде Филиповски – Даме“ во Кичево, со воена свеченост беше одбележан 21-ви мај, Денот на 4. механизиран пешадиски баталјон (4.мпб) од составот на 1. механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), Здружена оперативна команда.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов за ден на 4.мпб е одреден 21 мај, како единица која ги продолжува традициите на формирањето на Кичевско-Мавровскиот партизански одред.
Во рамките на прославата беше положено и свежо цвеќе на алеата на великаните во кругот на касарната, а на присутните со пригодни говори им се обратија и им го честитаа празникот командантот на единицата, потполковник Благоја Мијакоски и командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Павле Арсоски.
На свеченоста присуствуваа командантите на единиците од составот на 1. мпбр, претставници од локалната самоуправа во зоната на одговорност на единицата како и правни и физички лица со кои единицата има соработка.
По повод денот на единицата, на свеченоста беа прочитани стимулативни мерки, а извидувачкиот вод од командна чета беше прогласен за најдобар вод од состав на баталјонот.
Од формирањето на АРМ во 1992 година, 21 мај се одбележува како ден на сите досегашни единици кои беа лоцирани во гарнизонот во Кичево (13.пешадиска бригада и поранешната 2.механизирана пешадиска бригада) кои беа носители на традициите на одбележување на овој значаен датум за АРМ.