Со воена свеченост во касарната „Илинден“ и примопредавање на военото знаме на единицата, денеска официјално се изврши примопредавање на должноста командант на Баталјон на Воена полиција (бВП). Должноста командант на бВП од потполковник Неџати Голак ја прими потполковник Зоран Станкоски, досегашен началник на штаб и заменик-командант на бВП.
Пред стројот на единицата и присутните гости со свои говори се обратија: командантот на Командата за операции (КО), бригаден генерал Бесник Емини, досегашниот командант на единицата, потполковник Неџати Голак и новопоставениот командант, потполковник Зоран Станкоски.
Во своето обраќање, бригадниот генерал Бесник Емини истакна дека КО, како првопретпоставена команда на бВП, е особено горда што во изминатиот период под раководство на досегашниот командант, ги потврди своите способности и капацитети преку несебичниот придонес при ангажирањето и извршување на многубројните воено-полициски задачи, вежбовни активности и мисии, притоа континуирано придонесувајќи во афирмацијата на Армијата. На досегашниот командант му оддаде почит со доделување на Плакета на КО и му се заблагодари за досегашното командување и вложениот личен придонес во развојот на единицата и постигнатите резултати, а на новопоставениот командант му честиташе за поставувањето на новата должност и му посака успешно командување и раководење со единицата.
Досегашниот командант на бВП, потполковник Неџати Голак истакна дека припадниците на единицата со гордост ги негуваат традициите на своите претходници. Извршувањето на големиот број на задачи поврзани со мисијата на единицата, не дозволуваат импровизирање и селективност. Обезбедувањето на резиденцијалните објекти на Врховниот командант, објектите на МО и ГШ и странските воени делегации ја покажуваат сериозноста на задачите кои се доверени. Тој наведе дека пожртвуваноста, професионалноста, подготвеноста и знаењето е препознаено од сите домашни и странски партнери, а за постигнатите резултати секојдневно добиваат голем број на пофалби и признанија.
Пред присутните припадници и гости со свој говор се обрати и новопоставениот командант на бВП, потполковник Зоран Станкоски кој му се заблагодари на досегашниот командант за постигнатите резултати и неговото водство на единицата и потенцираше дека е особено горд на укажаната доверба од претпоставените и дека му е особена чест и задоволство да командува со бВП, единица која досега многупати се има докажано при извршувањето на своите задачи.
На свеченоста присуствуваа командантот на КО, бригаден генерал Бесник Емини, командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански, командантот на Логистичка база, полковник Мухарем Мухареми, началници на организациски единици во ГШ и КО, поранешните команданти на бВП, командантите на останатите единици во Армијата и останати гости.